Чедомир Јовановиќ, српски политичар кој своевремено беше близок соработник на убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, изјави дека турбофолк-пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ имала тесни врски со „земунскиот клан“ и знаела дека на премиерот му се подготвува атентат.

-На Цеца на паркингот пред стадионот на Обилиќ ѝ кажаа дека ќе го убијат Зоран и дека треба да имаат алиби, со тоа што тогаш биле кај неа. Веќе еднаш се извлекоа со тоа, кога го убија Баточанин. Дали можела да се однесува поинаку е друга работа. Секој си го носи својот крст, но таа е претставена како мајка на Србија, а не е ниту мајка на деветте Југовиќи, ниту Стојанка, мајка на Кнежопол, ниту Ружица Ѓинѓиќ. Таа не е ниту мајка на оние момчиња од Кошаре кои храбро загинаа во 1999 година, ниту мајка на падобранците на 63-та бригада кои им дојдоа напомош. Но, тоа зборува за оваа земја и за сите нас на лош начин – рече Јовановиќ.

Јовановиќ рече и дека поранешниот српски претседател Воислав Коштуница директно ја заштитил Цеца од прогон за случајот.

– Се сеќавам на разговорот во кој обвинителството ми кажа дека треба да ги исклучиме Булатовиќ, Томиќ и Цеца од случајот. Коштуница ќе го сруши судот ако не го направиме тоа – изјави Јовановиќ за Курир.

Тој негативно го оцени тоа што на пејачката по акцијата „Сабја“ ѝ се судеше за сомнителни трансфери на фудбалери, наместо за учество во атентатот на премиерот Ѓинѓиќ.

– Не сум јас тој што суди. Тоа беше судска комисија. Она што се случи е што мизерно не успевате да судите некого за убиството на Ѓинѓиќ, а потоа му судите дека не регистрирал трансфери на играчи. Обилиќ не го направи Цеца, туку нејзиниот сопруг. Таа само продолжи да се однесува како што научи. Но, мене ме интересира убиството на Зоран – рече Јовановиќ.