Бразилскиот олимписки комитет објави дека ја испратил пливачката Ана Каролина Виера дома од Олимпијадата во Париз, додека нејзиниот колега Габриел Сантос добил предупредување откако го напуштиле селото без договор со раководството на тимот.

Имено, двајцата пливачи без знаење на раководството на тимот го напуштиле Олимпиското село каде што престојуваат повеќето спортисти за време на Олимписките игри во Париз, а нивниот прекршок беше откриен по нивните објави на социјалните мрежи.

Бразилскиот комитет реши да ги казни спортистите, но Виеира на груб и агресивен начин ја оспори одлуката на раководството на репрезентацијата.

– Поради тоа Габриел Сантос доби опомена, додека Ана Каролина Виеира беше отпуштена од делегацијата. Таа веднаш ќе се врати во Бразил, соопштија од Бразилскиот комитет.

Тие истакнаа дека во Париз не дошле на одмор и да се забавуваат.

– Овде се бориме за Бразил, за 200-те милиони даночни обврзници кои работат за нас, изјави предводникот на бразилската пливачка репрезентација Густаво Отсука.