Блокбастерот меѓу Александер Усик и Тајсон Фјури доби очекувана втора епизода во Ријад, па иако новата не беше атрактивна и возбудлива како првата, истата донесе далеку повеќе контроверзии по конечниот исход.

Усик беше далеку поагресивен во месец мај и сосема заслужено победи благодарение на нокдауните кои му ги зададе на британскиот ривал, па иако рано утрово во Ријад се водеше кон тоа дека Фјури собра повеќе бодови во 12-те рунди, судиите на крајот едногласно му ја доделија победата на Украинецот.

Според бодувањата на експертите, Фјури во најмала рака требаше да има реми од оваа борба, но наместо тоа, мораше да се помири со втор пораз, кој сепак не го прифати најспортски.

Поранешниот светски шампион во тешка категорија загуби на втор меч во својата кариера, а бидејќи повторно тоа беше во борба со Усик, станува јасно дека Украинецот станува негова „црна мачка“ во богатата боксерска кариера.

Тајсон беше далеку поактивен и поагресивен во првиот дел од борбата и беше доминантен во првите шест рунди, но слично како пред седум месеци, Усик имаше повеќе енергија во финишот и очигледно со подобрата завршница ги собра симпатиите на судиите.

Тројцата арбитри донесоа едногласна одлука и на идентичен начин ја избодуваа борбата (116:112), па така Усик го задржа статусот на неприкосновен шампион во тешка категорија, бранејќи ги сите освоени појаси.

Разочаран од епилогот во Ријад, Фјури експресно го напушти рингот по донесената одлука и не се огласи пред фановите, не криејќи дека е максимално разочаран од расплетот на втората борба со големиот ривал.