Објава на социјалната мрежа Линкдин, во која скопјанка Наташа споделува лично искуство со институциите, предизвика бројни реакции во јавноста поради, како што наведува, сериозни административни пропусти, пишува Скопје Инфо.

Таа објаснува дека при вадење извод од матична книга на родени се соочила со неочекуван податок – во документот било наведено дека е разведена уште од 2014 година, иако, како што тврди, никогаш не поднела барање за развод, ниту учествувала во судска постапка.

„Вадам извод од матична книга на родените, во изводот забелешка дека сум разведена од 2014 година. Ниту некогаш сум поднела тужба за развод, ниту сум одела на рочишта, ниту сум знаела дека некој суд решил да ме разведе“, пишува таа.

Дополнително, како што наведува, состојбата во системот е уште поапсурдна, бидејќи нејзиниот сопруг, според официјалните податоци, и понатаму се води како во брак, но со лице со исто име како неа, но со различен матичен број.

„Пази молим те, сингл сум 12 години без да знам. Е сега јас сум сингл, ама маж ми не е – кај него си се води дека е во брак, ама пази сега – во геј брак, затоа што по венчаница е женет со некој со мое име, ама матичен број како за машко лице“, наведува таа во објавата.

Во подолгата реакција, таа го изразува и своето незадоволство од функционирањето на администрацијата, потенцирајќи дека граѓаните, покрај тоа што плаќаат даноци, често се соочуваат со дополнителни трошоци за исправка на грешки направени од институциите.

„Еднаш плаќам даноци за да ја издржуваме администрацијата, па плаќам секој пат кога ми треба услуга од таа администрација и на крај ќе плаќам за да ги поправам грешките на истата таа администрација“, пишува таа.

Објавата завршува со ироничен осврт кон најавите за дигитализација, со критика дека основните административни процеси сè уште не функционираат како што треба.

Нејзиното сведоштво отвора прашања за точноста на податоците во матичните книги и функционирањето на системот, како и за потребата од поголема одговорност и контрола во институциите.