Холивудскиот актер Џејми Фокс неодамна сними специјал за Нетфликс во Атланта, What Had Happened Was.
Во него, тој откри неколку досега непознати детали од неговата досега мистериозна болест, поради која минатата година заврши во болница и за што нашироко се дискутираше.
“Атланта, се вратив! Се борев за мојот живот, но сега сум тука, пред тебе. Интернетот се обиде да ме убие, рекоа дека сум парализиран. Рекоа дека нема да можам да одам и сега ме гледате“, расположено рече Џејми.
Во еден момент, тој се осврна на гласините дека Диди е виновен за неговата состојба. “Интернетот вели дека Диди се обидел да ме убие. Знам што прашувате во моментов, има ли вистина во тоа? Јас рано ги напуштив тие забави, имав девет години”, се пошегува Фокс.
Во специјалот опиша и како сето тоа започнало. Вели дека му се слошило на 11 април 2023 година, а наводно 20 дена не се сеќава на настаните. Првиот лекар, според Фокс, рекол дека е добро, но неговата сестра побарала второ мислење и на крајот го однела актерот во болницата Пиемонт во Атланта.
Докторот таму изјавил дека Џејми доживеал мозочен удар поради крварење во мозокот и дека морал да оди на итна операција. На 4 мај, актерот се разбудил во инвалидска количка, без поим што му се случило.
Да потсетиме, на средината на април минатата година, ќерката на Џејми, Корин Фокс, на Инстаграм откри дека нејзиниот татко завршил во болница. Причината никогаш не беше откриена, но многумина веќе шпекулираа дека се работи за мозочен удар.