Кривичниот суд во Скопје во месец јули донесе пресуда против М.Ш, судија во Управниот суд и го осуди на 5 години затвор поради злоупотреба на службената положба во предмет каде прво застапувал како адвокат, а потоа судел, стои во соопштението на Основен суд Скопје 1. Предметот тежи над 12 милиони денари и станува збор за нелегална денационализација, објави вечерва СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
Имено, обвинетиот М.Ш, пред да стане судија како адвокат застапувал две лица во предмет за денационализација. Во меѓувреме, тој бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година во предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена Тужба, а тој ја земал во работа. Злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, тој не ја прекинал работата и не го известил Претседателот на Управниот Суд.
Тој пресудил спротивно на „Законот за води“, „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското езеро“, „Законот за денационализација“ и „Законот за Управните Спорови“, и недвижниот имот односно градежното неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите.
Воедно за недвижен имот со површина од 171 м2 што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратенo во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на Р.С.М., примерок од Пресудата, иако е задолжително заради право на жалба, не бил доставен до Државното правобранителство на Р.С.М. и со својот потпис, осомничениот, овозможил правосилност на пресудата.
Со ваквите дејствија на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности, противправно да се стекнат со имотна корист – површина од 1958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700,00 денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413,00 денари на штета на имотот и интересите на Р.С.Македонија.