31 годишна мајка во Хрватска во автомобилот превезувала неколку мали деца кои не биле на сигурносни седишта. Судот веднаш брутално ја казни. Доби 30 дена затвор, 290 евра парична казна, осум месеци забрана за возење и трајно и е одземен автомобилот.
Како што објави полицијата во средата, се се случило во вторникот наутро на подрачјето на Карловац, кога жената возач била затекната како го управува автомобилот без возачка дозвола и немала ставено појас.
Полицијата утврдила и дека во возилото превезувала повеќе луѓе од бројот напишан во сообраќајната дозвола и дека превезувала деца пониски од 150 сантиметри без безбедносно седиште во автомобилот.
Судот веднаш, истиот ден, „изрече казна затвор во траење од 30 дена, парична казна во износ од 290 евра, заштитна мерка забрана за управување со моторно возило во траење од осум месеци и мерка за одземање на патничкиот автомобил, со што ќе стане сопственост на Република Хрватска“.
Казната изгледа престрога, но – како што неофицијално дознаваме – судијата за прекршоци ја оправдал пресудата со тоа што 31-годишната жена повеќе пати била осудувана за бројни сообраќајни прекршоци. Сепак, таа се уште има можност да се жали на пресудата.