Двегодишната Раиса Марија, која исчезна вчера во Долж во јужна Романија, е пронајдена мртва недалеку од нејзиниот дом. Телото на девојчето со траги на насилство било пронајдено во нива на околу 400 метри од нејзиниот дом.

Малата Раиса Марија исчезнала вчера во раните попладневни часови, додека си играла со други деца во дворот. Родителите најпрво мислеле дека таа отишла до куќата на дедо ѝ, која е на само неколку метри. Меѓутоа, набрзо сфатиле дека детето никогаш не стигнало до таму.

Потрагата започна веднаш. Во текот на целата ноќ на теренот имало повеќе од 150 полицајци, волонтери и граѓани, а во потрагата биле вклучени хеликоптер, дронови и кучиња трагачи. За жал, утрово е затекната шокантна сцена на само 400 метри од куќата од која исчезнала. Телото на девојчето било пронајдено околу 10 часот утринава, а се претпоставува дека е убиена.

Според романските медиуми, телото на девојчето било пронајдено во густа вегетација. Засега не е познато дали некој е приведен. Полицијата само соопшти дека телото е пронајдено и дека истрагата е во тек.

Да потсетиме, Романија неодамна ја потресе веста за смртта на осумгодишното девојче Марија, која беше силувана и убиена, а нејзиното тело потоа беше фрлено во атар на селото. За убиството е осомничен родениот брат на нејзиниот очув.