Соборен хеликоптер на ОН во Конго, загина српски војник, руски офицер и 6 Пакистанци
Припадник на мировната мисија на Војската на Србија загина денеска при соборување на хеликоптер со уште седум лица во Конго, јавија српските медиуми.
Освен него, убиен е и висок руски функционер.
– Потполковникот Алексеј Мизура, загина на должност во мисијата на ОН – изјавил за руската агенција портпаролот на руската амбасада во ДР Конго, додавајќи дека тој бил единствениот руски државјанин во хеликоптерот.
ТАСС јавува повикувајќи се на канцеларијата на генералниот секретар на ОН дека заедно со рускиот офицер во хеликоптерот имало и шест Пакистанци.
Мисијата на ОН за стабилизација во Конго (МОНУСКО) претходно денеска соопшти дека ја загубила комуникацијата со еден од нејзините хеликоптери на истокот на земјата, каде што траат судирите меѓу владините сили и бунтовниците од Движењето 23 март (М23).
Како што претходно соопшти конгоанската армија, хеликоптер на мировната мисија на ОН во Конго беше соборен од бунтовниците на истокот на земјата.