Секој збор е премал, а секоја приказна е прекратка,за да се опише Трајче Нешковски, доктор од ЈЗУ УК за пулмологија и алергологија. На овој начин, неговата сопруга Ема Нешковска (26) во интервју за порталот ЖЕНСКИ МАГАЗИН го започнува разговорот за својот сопруг, кој почина пред седум месеци, но остави голема трага во професијата. Лекарската комора постхумно му ја додели плакетата „ Св. Наум Охридски“ за 2020 година.

Неговите колеги, пријатели, пациенти велат дека бил симбол за сето најдобро што го поседува една личност.

Пет минути пред несреќата ми се јави да ми каже дека е добар

ЖЕНСКИ МАГАЗИН: Се слушнавте ли пред кобниот настан, што си кажавте еден на друг? –

-Ние постојано бевме во комуникација, кажувајќи си ги сите работи што ни се случуваа во моментот, како да ќе нема после. Така и тој кобен ден, се слушнавме околу 5-10 минути пред да се случи несреќата. Тоа беше по завршување на работното време, а Трајче беше тргнат да се сретне со еден од најдобрите пријатели, за да му даде подарок за Јована, која неколку дена пред тоа наполни две години. Беше многу уморен од постојаната работа во ковид центрите и изминатите дежурства, но не се предаваше и секогаш било која состојба или симптом го препишуваше на замор. Тој ден, ми кажа дека чувствува некоја нелагодност и болка, но пак истото го препиша на заморот што навистина го имаше и беше голем. И во последниот разговор, 5-10 минути пред несреќата, неколку пати ми повтори “Добар сум Емке, добар сум. Не се грижи, за кратко ќе дојдам дома. Добар сум.”

ЖЕНСКИ МАГАЗИН: Причина за неговото прерано заминување беше сообраќајката предизвикана од инфаркт. Се жалеше ли некогаш на здраствени проблеми?

-Никогаш не се жалеше на ништо и немаше никакви здравствени проблеми. Никогаш. Но, стресот, заморот и нередовниот живот си го земаат својот данок, дури и кај луѓе како планина, каков што беше Трајче.