Во Јавното обвинителство во Гостивар започна постапката за случајот со починатата 63-годишна гостиварка Сава Таневска, кој го обелодени телевизија 24, а чиј сопруг поднесе кривична пријава за лекарска грешка против докторот Јусуф Јакупи од интерното одделение во Гостивар.

Денеска свој исказ во Обвинителството даде сопругот на починатата, Никола Таневски, а се очекува повик да добијат и другите доктори вмешани во случајот. Сава најпрво била прегледана кај доктор во Маврово, а потоа со упат од матичен лекар се упатила во интерното одделение во Гостивар, по што откако е пуштена дома, по преглед од двајца доктори за само четири часа починала.

Од Обвинителството потврдија дека случајот е во тек, меѓутоа не откриваат детали за постапката.

– Предметот е во фаза на предистражна постапка. Обвинителството во оваа фаза на постапката не може да споделува детали од исказите на повиканите лица. Надлежниот јавен обвинител ги презема и ќе продолжи да ги презема сите неопходни дејствија со цел утврдување на фактите во предметот, а јавноста ќе биде известена кога ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. – велат од Основно јавно обвинителство за ТВ 24.

Паралелно на ова, постапката е под мониторинг и на Министерството за здравство, од каде по извршен увид на терен од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, иницирано е Лекарска Комора да формира комисија за стручен надзор, за да се утврди дали станува збор за лекарска грешка.

Од Комората пак за тв24 велат дека се уште чекаат од Министерство за здравство да им пристигне одредбата за формирање на Комисија, па потоа велат ќе постапуваат согласно протоколите.