Во Словенија пет лица останаа заробени во пештерата Крижна јама. Станува збор за татко, мајка, ќерка и двајца водичи. Словенечкиот весник „Дело“ пишува дека спасувањето на овие лица, кои вчера попладне биле спречени од надојдената вода да се вратат од Крижна јама, каде што биле на туристичка тура, може да биде продолжено до утре.
Спасувачите предупредуваат дека податоците на Институтот за истражување на карстниот пејзаж укажуваат на благ пораст на нивото на водата, што се очекува во наредните часови.
– Во доцните ноќни часови, сепак, треба да има пад, но тоа нема да биде толку брз, предупреди Валтер Закрајшек, шеф на Спелеолошката спасувачка служба, обраќајќи им се на новинарите пред пештерата, која ја смета за една од најпопуларните.
Управата за заштита и спасување била известена за тоа дека во пештерата вчера околу 17 часот биле заробени пет лица. Спасувачите ја опишуваат интервенцијата како најголема досега во јамата.
На нуркачите кои први стигнаа до заробените петмина им требаа околу три часа да стигнат до нив. Тие се заробени длабоко во пештерата, на околу 2.400 метри од влезот, но се во добра состојба, воспоставена е комуникација со нив. Тие се на возраст од 22 до 58 години. Пештерата може да се посети само со брод, бидејќи низ неа тече реката Блошчица.