Страшна сообраќајна несреќа се случила во Атина кога е повредена тинејџерка (17). Како што пренесуваат грчките медиуми, девојчето било удрено од автомобил, по што останало неподвижно да лежи на асфалтот додека други возачи само поминувале покрај неа, без никој да застане да и помогне.
Како што пренесуваат медиумите, дури 10 минути 17-годишното девојче лежело неподвижно на коловозот на авенијата Атина, додека возилата поминувале покрај неа без да ја намалат брзината. Страшната сообраќајна несреќа, како и постапките на другите учесници во сообраќајот, е снимена на видеото од безбедносната камера на блискиот локал.
Телото на девојчето било фрлено десетици метри – Беше 05:30 часот наутро кога телото на несреќната девојка беше фрлено десетици метри подалеку на тротоарот на авенијата Атина поради насилниот удар на автомобилот. На видеото кое го објави protothema.gr, кадар по кадар се гледа како возачот на автомобилот со голема брзина ја удира девојката и без двоумење исчезнува.
10 минути без помош – Шокантно е што во текот на сите 10 минути, како што се гледа на видеото од МЕГА, 17-годишната девојка остана неподвижна. Само еден возач застанал за момент, ја забележал девојката како лежи на патот, тргнал во рикверц и со еден маневар ја заобиколил крвавата девојка.
Реакција на пешаци и возачи – Речиси една минута по несреќата, на спротивната страна од авенијата се собраа пешаци, додека на асфалтот продолжија да минуваат автомобили, мотори и камиони како да нема повредени лица. Неколку минути подоцна, возач, сфаќајќи што се случува, застанал и го ставил својот автомобил на патот за да го запре сообраќајот додека не пристигнат службите за итна помош.
По возачот се трага – Се уште се трага по возачот кој ја предизвикал несреќата. Полицијата апелира сите кои имаат какви било информации за инцидентот да се јават и да помогнат во истрагата. Во меѓувреме, несреќната девојка е во тешка состојба, а јавноста е згрозена од недостигот на емпатија и помош на местото на сообраќајната несреќа.