Две сестри, девојчиња на возраст од само две и три години, трагично го загубиле животот откако излегле сами да си играат на замрзнато мало езеро во близина на нивниот дом во романската област Муреш, јавија локалните медиуми.
Девојчињата си играле на замрзнатото езерце во близина на реката Тарнава, но во еден момент мразот на кој стоеле пукнал и една од сестрите паднала во студената вода. Постарата сестра се обидела да ја спаси, но и таа паднала во длабоката, студена вода.
Двајца соседи, пожарникари, брзо реагирале и успеале да ги извлечат девојчињата од водата. Тие биле во критична состојба, со хипотермија, а лекарите со часови се бореле да им го спасат животот. За жал, не успеале.
„Еден колега ми направи патека, ја прескокнав оградата, направив синџир, се спуштив до работ на леденото езеро, стигнав до првото девојче, го ставив на брегот. Луѓето што стоеја на работ ми помогнаа да излезам со детето, го ставив до другото дете“, објасни низ солзи Герасим Богдан, пожарникарот кој се обидел да ги спаси девојчињата.