Тешката сообраќајна несреќа, во која се запали автобус со македонски таблички се случила во текот на ноќта на автопатот „Струма“ во Бугарија. Меѓу загинатите има и 12 деца, а несреќата ја преживеале седум лица.

Најмалку 46 лица загинаа кога во раните утрински часови автобус со македонски регистерски таблички се запали на автопат во западна Бугарија, соопштија властите во Софија.

Шефот на одделот за противпожарна безбедност и заштита на населението во бугарското МВР, Николај Николов за националната телевизија изјави дека седум лица со изгореници се префрлени со брза помош во болницата Пирогов во Софија. Најмладиот пациент е 17 годишно девојче. Николај Николов најнапред соопшти дека во несреќата загинале 45 луѓе, но бугарското министерството за внатрешни работи подоцна прецизираше дека загинале 46 лица и дека во автобусот имало 53 патници.

Најголем дел од жртвите се од Северна Македонија, соопшти претставник на македонската амбасада во Софија.

Македонската новинска агенција МИА јави дека меѓу загинатите има и 12 малолетници, од кои двајца браќа близнаци.