На дваесетина километри од Рим, во Терме ди Кретоне починал осумгодишниот Стефан, кој бил таму на одмор со семејството. Трагедијата се случила во четрвтокот кога детето било вовлечено од одводот на базенот, поради што се удавило.
Откако звучните сигнали ги предупредиле гостите дека базените ќе се затворат и да тргнат кон излезите, детето паднало во водата. Набрзо завршило на дното, од каде што го повлекла одводна цевка, пишува италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Веднаш пристигнале здравствените работници и пожарникарите, но поради преголемиот притисок на водата не успеале да го спасат. Дури по два часа го извлекле телото на Стефан, осумгодишното момче дотогаш веќе било починато.
Според првичните информации, момчето паднало во базенот кога се чистеле и празнеле акумулациите, а инспекторите се обидуваат да утврдат дали Стефан нурнал или паднал во водата и зошто го започнале системот за чистење ако се уште имало голем број гости околу базенот.
Телото на детето е на обдукција, а се проверува исправноста на одводниот систем за да се дознае што всушност се случило.