Судија на претходна постапка доцна вечерва одлучи да го прифати предлогот на Обвинителството и да определи мерка притвор за (екс) генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, се вели во одлуката од Судот.
Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
Што се однесува до другите двајца осомничени – опфатени со предлогот за определување мерка притвор кои се странски државјани и за кои е добиено известие дека се недостапни на органите на прогон, донесено е решение за притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
Обвинителството вчера доставило предлог до Судот за притвор.