Соња Стамбовска од Кaрпош која сама се грижи за својата 94 годишна мајка Јела, која боледува од Алцхајмер и има повеќе хронични заболувања води битка со брзата помош. Тврди дека во моменти кога лекарската екипа и била најпотребна не и помогнала. Дури како што раскажува пред камерата на Алфа, била ставена и на црната листа на брзата помош. Неколку пати се нашла во ситуација да ги повика, но последниот пат како што раскажува одбиле да и помогнат и не ја знае причината за тоа.
„Мајка ми тотално се изгуби и беше мртовец. Што да и правиш во таа ситуација? Се јавувам, напрајте вака, напрајте онака, не можеме да дојдеме. Јас бев потресена и плачев. Викам, не е работата да и помогнам јас. Треба медицинска помош, мајка ми можеби е умрена. Дојдете да установите смрт. Они ми рекоа, мајка ти е стара и имате забрана вие за Брза помош, бидејќи често сум ги барала. А зошто ги барам често. Јас живеам сама.“ – Раскажува Стамбовска.
Но, ова не било прв пат брзата помош да одбие да и помогне. Стамбоска револтирано раскажува како неколку дена пред оваа ситуација, лекарските екипи кои интервенирале рано наутро, запишале извештај дека треба да дојдат повторно. Но морала и тогаш да ѕвони, за да ги потсети што стои во извештајот. И со часови чекала да пристигнат. Но и откако пристигнале, одбиле да и укажат лекарска помош на нејзината мајка.
„Ме виде мене во пижами, ми рече, „а вие сте легнале“. Младите докторчиња веќе влегоа во станот. Им рече да излезат. Им објаснив како веќе била Брза помош и како во извештајот запишале да дојдат повторно. Он не сакаше да слуша, ги внесе во лифтот и мене ми рече „марш таму“. – Вели Стамбовска.
Алфа се обрати до службата за Брза помош, во обид да добие објаснување што се случува и зошто постои црна листа за повици. Одговор не добивме, најавија дека по продолжението викенд ќе споделеле информација.
Во меѓувреме, Стамбовска мора да бара брза помош од приватните клиники и да плаќа по 3000 денари, па вели оти и е нејасно, зошто целиот свој живот таа и нејзината мајка плаќале здравствени придонеси кон државата, ако сега не можат да очекуваат помош од инстутциите ниту во момемнти кога станува збор за живот или смрт.