Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки. Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки. Љубовта и молитвената блискост на овој светител ја почувствувале многу луѓе, како од Македонија, така и од повеќето земји од Балканот, но и светот. Во прилог пренесуваме две чуда кои се случиле по молитвеното застапништво на св. Василиј Острошки.

СВЕДОШТВОТО НА ТЕОДОРА- Се викам Теодора Босиочиќ, имам брат кој се вика Давид, мајка Тамара и татко Борко. Многу го сакам моето семејство, а особено родителите кои уште како малечка ме научија да Го љубам и почитувам Бога, нашата православна вера и Црква, но и да ги почитувам другите религии и народи. Уште додека сум била во стомакот на мама, сум била во Израел, на местото каде се родил Исус Христос.

Моите родители граделе, и сè уште градат црковни објекти, а за сиот труд во 1992 година татко ми добил орден од Патријархот Павле. Последните седум години живееме во Велика Британија, и секоја недела одиме в црква, а после Литургијата заедно со брат ми остануваме во неделното верско училиште. Толку за нас.

Сакам нешто да кажам за мојата љубов кон св. Василиј Острошки, но и за неговата љубов кон мене. Пред една година се разболев и лекарите рекоа дека мора да ми се изврши некаква сложена операција на срцето. Моите родители не можеа, и не сакаа да веруваат дека тоа е вистина. После три лекарски прегледи во три независни болници дијагнозата беше потврдена; и на самиот ден кога беше закажана операцијата, дијагнозата беше потврдена.

И само што моите родители се потпишаа на дозволата за операција на моето срце, еден непознат лекар дојде во болничката соба и побара од моите родители да ме прегледа. Тие се согласија. За време на прегледот, моите родители беа вознемирени и исплашени, а татко ми ја држеше иконата на св. Василиј Острошки, велејќи ми: „Гледаш ли кој те гледа?“ Токму во тој момент, новодојдениот и непознат лекар ни ја соопшти Божјата волја: нема потреба за операција. Болеста на срцето исчезнала за еден момент! Сите беа шокирани, и лекарите, и моите родители!

Лекарските истражувања продолжија, но оттогаш сите резултати беа исти – немаше потреба за хирушка интервенција на моето срце! И тогаш, но и сега, јас верувам дека сум во Божјите раце, и верувам дека св. Василиј ставил рака на моето срце, и уште еднаш ја покажал Божјата љубов и моќ. Да се молиме на св. Василиј и на сите светители Бог секогаш да биде со нас!

ГО ИСЦЕЛИЛ МАЛИОТ ЛУКА КОЈ НЕ ЗБОРУВАЛ ТРИ ИПОЛ ГОДИНИ

Јеромонахот Исаија опишува како, на почетокот од 2002 година, св. Василиј исцелил некое дете од немост: Додека стоев покрај животот со моштите, во манастирот дојде една мајка, Ружица, од Даниловград, и ми раскажа дека нејзиниот син Лука не зборува веќе три и пол години.

Детето имаше шест години. Му прочитав кратка молитва за здравје, и го помазав со масло од кандилото над кивотот. Тоа се случи претпладнето. Попладнето го видов како трча, вика и зборува. Утредента му реков: „Ајде да ти прочитам уште една молитва“, а штом завршив, Лука ми рече: „Ајде, повторно намачкај ме со она масло од кандилото.“

Слава на Бога и на свети Василиј!

од книгата „Нови чуда на свети Василиј Острошки“

Извор: православие.мк