Малолетничка во изјава за емисијата „Претрес“ на новинарот Кристијан Ландов открива детали од кобната ноќ во дискотеката „Пулс“ каде што животот го загубија 59 лица.
Девојката вели дека Панчо од „ДНК“ го забележал пожарот и им кажал да излезат, но многумина од присутните не го сфатиле сериозно и останале до крајот.
„Бендот ДНК започна во 2 часот, сè беше во ред, почнаа да пеат, па околу 2.35 ги пуштија прскалките кои се користат секогаш кога доаѓа некој поголем музичар. Сите беа расположени, никој не мислеше дека ќе се случи такво нешто. Прв алармира Панчо за ситуацијата, тој кажа дека се запалил кровот, излезете надвор. Другите не забележаа, иако снимаа. На сите им беше на шега, не мислеа дека ќе се прошири, не го сфатија сериозно апелот. Пред вратата имаше многу гужва, не знам ниту јас како излегов од гужвата. Некои останаа до крај поради тоа што мислеа дека нема ништо да се случи. На вратата имаше полиција, која беше на рација, зашто во клубот има малолетни лица. Вратата беше блокирана на почетокот, но кога се создаде гужва, веднаш се отвори вратата. И порано имаше малолетници во клубот, само плаќате влез и влегувате внатре“, открива девојката.