По изрекувањето на пресудата за Васил Јованов од 12 години затвор за тоа што ја прегази и ја усмрти Фросина Кулакова на „Партизански одреди“ во Скопје, на пешачки премин, пијан, со пребрзо возење и без воопшто да има возачка дозвола, таткото на загинатата ја напушти судницата уште пред да биде дочитана пресудата. Јованов доби и забрана за управување возило во траење од пет години.
На излегување викаше: „Судот – мафија!“, незадоволен од досудената казна за Јованов. Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата. Сите носеа маички на кои пишува „Правда за Фросина“, а со исти маички се и дел од поддржувачите кои се во задниот дел на судницата. Тие од почеток бараа максимална казна за сторителот, а тоа е 20 години затвор.
Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.
Обвинетиот Васил Јованов, кој призна вина, во завршен збор пред Судот, уште еднаш изрази каење за случајот.
-Не можам да објаснам какво каење чуствувам. Не поминал ден да не се помолам за душата на Фросина и за нејзината фамилија. Тоа е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам уште еднаш да искажам најдлабоко сочувство и извинување на семејството и на сите кои ги познавам, изјави тогаш Јованов.