Тодор Кулаков, таткото на прегазената 22-годишна модна дизајнерка Фросина Кулакова, гостуваше во новото издание на емисијата „Код“.
По протестите, Апелација многу брзо ја донесе својата одлука за друг предмет во кој е обвинет возачот Васил Јованов и му пресуди затворска казна за дрога. Таткото на Фросина вели дека ова е само обид за спасување и наоѓање на жртвено јагне за судиската одговорност.
Тој, меѓу другото, отворено ја коментираше прес-конференцијата на родителите на осомничениот возач Васил Јованов и неговиот адвокат која ја доживува како „навредување на интелигенцијата“.
„Бог нека ми прости, мојата фамилија нека ми прости, јас такво сочуство не можам да прифатам бидејќи е лажно“, кажа Кулаков за нивното однесување.
„Иако нивните намери им се такви нечовечни, јас само една работа можам да ги посоветувам. Молете се на Бога, признајте го делото, синот да го признае делото, да признаат мајката и таткото дека се соучесници во прикривање на криминалот, во прикривање на убиството.. Да пикаш телефони по притвори за да се договараш е чисто соучесништво. Значи, признајте го делото, правдата да биде задоволена, во спротивно самите си гледат како јавноста ги третира“, коментира таткото на Фросина.