Судскиот процес против кичевецот кој во декември 2019 година во тешка сообраќајка на влезот во Гостивар усмртил еден полицаец, а уште еден бил тешко повреден, лани во ноември заврши со првостепена пресуда од само една година затвор, без очекувана жалба од обвинителот Арсим Адеми. Родителите за загинатиот 23-годишен полицаец реагираат, објавува порталот МКД.мк.

На казната се жалеше адвокатката на предизвикувачот на тешката сообраќајна несреќа и побара враќање на неговиот пасош. Обвинителот Aдеми е познат по случајот со Зоран Милевски Кичеец каде за сообраќајка со жртва која се случи поради преминување на полна линија, утврдил небрежност.

„Ова не е судство. Ова нема никаква врска со право и правда. Од Групчин наваму владеат други закони“, велат родителите на Петар Ѓурчиноски за МКД.мк кои веќе две години бараат само праведна судска разврска на тешката сообраќајна несреќа која се случи на 28 декември 2019 година во 19,10 часот на влезот во Гостивар во која загина нивниот син полицаец, а уште еден беше тешко повреден.

Полицајците беа удрени за време на вршење увид на друга сообраќајка од возило од Кичево управувано од Шпресим Реџепи (31) од Кичево. И покрај колоната возила, ротационите светла од полициските возила, од противпожарно и медицинско возило, Реџепи со својот „форд фокус“ со брзина од 101 километар на час најпрво го удрил полицаецот Петар Ѓурчиноски (23), кој од ударот бил фрлен од другата страна, преку бетонската ограда на автопатот Тетово-Гостивар каде друго возило му ги нанело смртните повреди. „Фордот“ удрил и во полицаецот Шабани Феим кој добил тешки телесни повреди.

И покрај ваквата тешка сообраќајна несреќа со фатални последици, обвинителот Арсим Адеми поднесува обвинителен предлог (полесна правна категорија), а не обвинителен акт, по што судијата Даут Рустеми на 12 ноември 2021 година пресудува само една година затвор. Во законскиот рок обвинителот не поднесува жалба.

„Големи пари се во игра. И еден од сведоците сам ни кажа дека неколку пати му нуделе пари. Нашите деца не се глинени гулаби. Каде е МВР, каде е министерот Оливер Спасовски да реагира на ова. Па негов полицаец загина на работно место“, вели за МКД.мк во солзи и гневен Зоран Ѓурчиноски, таткото на загинатиот полицаец Петар.

Во текот на судскиот процес Ѓурчиноски до Советот на јавни обвинители поднеле претставка (јуни 2020) за постапувањето на Основното јавно обвинителство Гостивар. Во одговорот од октомври истата година, потпишан од заменик претседателот на Советот на јавни обвинители Арбер Исаку, се вели дека јавниот обвинител во овој предмет постапува „стручно, законито и во рамките на законските надлежности“.

Во пресудата се вели дека „обвинетиот Шпресим Реџепи од село Грешница, Кичево, сторил кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот од член 300 став 4 со член 297 став 3 став 1 од Кривичниот законик, па согласно овој член и членовите 32, 33, 35 и 39 од КЗ го осудува на казна затвор од една година…“.

И во овој случај според квалификацијата на кривичното дело која ја навел обвинителот Адеми, Кривичниот законик вели дека ако учесник во сообраќајот на јавните патишта кој не се придржува кон прописите и со тоа го загрози јавниот сообраќај, така што ќе ги доведе во опасност животот или телото на луѓето или имотот од значителен обем, па заради тоа телесно ќе биде повредено или ќе настапи значителна имотна штета, ќе се казни со парична казна или со затвор од три години. Но, во ставот 3 од членот 297 од КЗ, се додава дека тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност ќе се казни со парична казна или затвор до една година.

Во овој случај затворската казна е само една година за жртва, односно службено лицe, како и тешко повредено друго службено лице.

Обвинителот во завршен збор рече дека неспорно е дека обвинетиот го сторил кривичното дело. Во записниците било утврдено дека обвинетиот и покрај сите сигнализации, ротациони светла, фосфорни жолти елеци на полицајците, колона возила, поставени хоризонтални светлосни купи, сигнализацијата на полицајците кои со батериска лампа се обиделе да предупредат… продолжил со голема брзина да ја минува колоната. Било утврдено и тоа дека оваа сигнализација била видлива на 150 метри, но обвинетиот не застанал, туку усмрти полицаец, а тешко повреди негов колега…

И бранителите на оштетениот велат дека целиот процес се одвивал во многу чудни околности, сведоци менувале изјави, наодите на вештаците биле сосема нелогични во однос на доказите, во пресудата немало ни збор од нивниот завршен збор, дел од рочиштата поминувале без превод на македонски јазик…

И родителите на загинатиот Петар и нивните адвокати се надевале дека обвинителот на како што велат, „ваквата срамна пресуда“ ќе поднесе жалба, но тоа не се случи.

Жалба била поднесена од адвокатката на Шпресим Реџепи која побарала и враќање на неговиот пасош затоа што нејзиниот клиент морал да оди во Швајцарија за да ги средел работите околу неговата работна виза. Инаку, по сообраќајката Реџепи бил 48 часа во притвор.

Сега сите ја чекаат одлуката на Апелацискиот суд.

Во случајот со Зоран Милевски Кичеец (4 септември 2021) проценката на обвинителот Арсим Адеми дека Кичеец усмртил човек во сообраќајка од небрежност донесе пресуда од шест месеци затвор. Таа проценка го спаси Кичеец од долги години затвор. Наместо над 4 години затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, со проценката од Основното јавно обвинителство Гостивар дека сообраќајката со жртва е сторена од небрежност, казната според Кривичниот закон е парична или затвор до една година. Обвинетиот бил свесен за штетните последици што би можеле да настанат, но лекомислено сметал дека тие нема да се случат, објаснуваа тогаш од ОЈО Гостивар.