„Ги гледам дечињата во училиште како јадат кифла или сендвич, а јас се виткам додека ме боли стомакот“, вели десетгодишниот Јован од Крива Паланка во новата епизода на емисијата „Срце на дланка“

Последната епизода на емисијата „Срце на дланка“ ја вознемири македонската јавност. Горан Станковски од Крива Паланка е уште еден наш граѓанин кој поминува низ вистинска голгота во обид да си го прехрани семејството. Тој низ солзи раскажува дека ова е најтешкиот период од неговиот живот.

Има три малолетни деца и со години работејќи успеал да направи две мали соби за себе и неговото семејство. За жал, пред неколку години тој на работното место доживеал несреќа, па паѓајќи му контејнер врз телото се повредил, а последиците се’ уште ги трпи. Нозете му се толку повредени што веќе бил подложен на една, а допрва го чека уште една операција во Скопје. Истата ја одложува поради финансиски причини, но, и поради тоа што се плаши толку мали децата да ги остави сами дома зашто неговата сопруга има здравствени проблеми поради тешко и трауматично детство, во кое била малтретирана од маќеите.

Горан е оној кој готви, пере и се грижи за своите најмили. Поради состојбата не може да работи, сопругата не е никаде вработена, па ова семејство живее само со 9.000 денари месечно. И неговиот најмал син пред камерите низ плач раскажува колку се сиромашни.

„Ги гледам дечињата во училиште како јадат кифла или сендвич, а јас се виткам додека ме боли стомакот. Често седам гладен, родителите немаат да ми дадат да си купам кифла. И, дома немаме секогаш храна. Сакам поголема соба зашто немаме каде да учиме сите тројца, сакам убав кревет, масичка, компјутер, телефон како и сите дечиња, но, најмногу храна на масата за сите нас. Сакам на масата да има месо и благо, зашто тоа многу ретко јадеме. Храната да ја поделам со мојот брат и сестра зашто и тие страдаат како мене. Тоа е мојата најголема новогодишна желба“, вели малото момче.

Таткото Горан раскажува дека многу тешко живеат.

„Тука сум роден во Крива Паланка и работејќи успеав да обезбедам да направам две соби за моето семејство. Имам три деца Грета, Леон и Јован. Одлични ученици се, многу го сакаат училиштето. Грета е прва година во средно медицинско училиште и има петки, ама немаат услови за учење. Сите во една соба, пет души тесно е. Јас за жал имав несреќа пред десет години. Ме поклопи контејнер додека работев во Комуналец, а не бев осигуран, и не ми дадоа ни оштета. Па, денес имам проблеми со цело тело, со нозете, со рацете со кичмата. Не можам ни канта од пет килограми да кренам, одма ме фаќа болка во половината. Тоа не’ принудува да живееме само со минимална социјална помош која за ништо не е доволна. Принуден сум децата гладни да ги испраќам на училиште. Неспособен сум за работа, иако сум млад“, вели Горан.

Иако направил една операција на ногата и оди со помагала, треба да оди на уште една операција, но, се плаши да замине да не остане инвалид, а и децата нема да може да се грижат сами за себе. Мајка им не може да ја превземе таа обврска зашто е болна и има преживеано големи трауми во детството.

„Јас сум се родила на 8 јануари, но после три недели од моето раѓање мајка ми починала и татко ми ме дал во дом. Потоа пак ме зел дома, но ме чувале маќеи и многу лошо се однесувале со мене. Ме ставале до шпорет за дрва за да се изгорам. А, јас сум била мала ништо не сум разбирала. Тоа ме натера млада на неполни 17 години да се омажам и денес имам три деца, ама и тие исто како мене немаат убав живот. Нема, сиромашни сме. Мене никаде не сакаат да ме вработат како хигиеничарка, а маж ми е болен и не може да работи, па живееме само со 9.000 денари социјална помош“, низ солзи објаснува Силвана.

Важно!

Доколкку сакате да помогнете на семејството Станковски тоа можете да го направите преку контакт со него на неговиот личен телефонски број 079 240 762, на неговата жиро-сметка 240357012601383 или преку активната кампања на e crowd.mk платформата каде се собираат средства за помош на ова семејство.