Меѓу осомничените од групата Грчец/Дуќанџик се 10 лица за кои Телма го дозна нивниот идентитет. Водач на групата е Шеваљ Муареми.
На листата на осомничени на истрагата се Неџати Исени (Н.И. 44 години), Севдал Азири (С.А. 44 години), Мухамед Чајани (М.Ч. 27 години), Фадил Бајрамовски (Ф.Б. 45 години), Оливер Петров (О.П. 43 години), Шуајб Сулејмановски (Ш.С. 40 години), Фати Сулејмановски (Ф.С. 43 години), Шукри Асани (Ш.А. 27 години) и Енсар Исени (Е.И. 25 години).
Денеска, уапсената група е осомничена за три убиства и за еден обид за убиство. Според МВР, групата на Муареми е одговори за двојното убиство во Топанско Поле кога во автомобил ситроен беа најдени застрелани 28-годишниот Африм Бериша и 24-годишниот Бурим Вардари. Убиството е извршено на 5-ти март 2021-ва година и беше едно од нерешените злостори со застрелани припадници на клановите во војната за скопскиот нарко пазар.
Групата на Шеваљ Муареми е осомничен и за убиство на албански државјанин чие тело, изедено од диви животни беше најдено над селото Горно Матка во мај 2020-тата година. Убиениот бил закопан во дупка во овој слабо населен реон, но телото било полуоткопано од диви животни. Убиениот беше препознат по специфичната тетоважа.
МВР соопшти дека групата стои и зад обидот за убиство во Бардовци во 2019-та година, кога цел на неуспешниот напад бил Борис Мутков – Фантом, жител на Бардовци и близок со групата Беланоца на Ајети од Ченто. Мутков бил нападнат додека се движел со автомобилот мерцедес. Тој инцидент се поврзуваше со нападот кој претходно се случи во хотелот „Александар Палас“ кога мета беа членовите на групата Грчец кои седеле на маса заедно со полицаец.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата за акцијата соопшти дека истрагата утврдила поврзаност на вработени во МВР, министерства, судови и јавни обвинителства со припадниците на уапсената криминална група од Грчец.
-Утврдивме лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности на групата. Ова е почетокот на чистењето на криминалните структури во системот и јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, но правдата мора да го стигне секого. Има инволвирани во многу институции, и во МВР и во други агенции и во министерства и во судови, и во јавни обвинителства. Затоа реков, можеби ќе се зачудите во наредниот период, но тоа еднаш мора да излезе на виделина и да се покаже кои се тие кои во одреден момент велеа „држете го крадецот“, рече министерот Спасовски.