На неколку километри пред крајната цел, на 25-годишниот војник му се слошило и се онесвестил. Откако паднал, лекарите кои армијата ги ангажира во Криволак за време на напорниот селективен курс за избор на нови припадници на елитната специјална единица „Волци“, почнале да му помагаат и веднаш организирале транспорт кон Неготино, потоа кон болницата во Кавадарци, за на крај да биде однесен во скопската клиника Карил. Четири и пол часа откако му се слошило, тој починал.

Од Генералштабот изразуваат длабоко сочувство за загубата на семејството на младиот војник, чиј татко и чичко исто така се припадници на АРМ. Велат дека починатиот имал уредни здравствени резултати пред да почне со тешкиот селективен курс кој трае 24 дена.

Младиот војник за време на завршниот стокилометарски марш им помагал на колегите кои поради напорот сакале да се откажат. Но, на неколку километри до крајот него му се слошило.

Од АРМ објаснуваат дека поради жешкото време, маршот бил скратен за 20 проценти, а времето за негово минување го покачиле од 20 на 30 часа.Специјалците мора да го изведат маршот со 20 килограми товар на своите плеќи и со своето оружје.

Обуката односно селективниот курс за армиските специјалци е натјтежок тест во Македонија за припадници на безбедносните сили, а од АРМ убедуваат дека се преземени сите превентивни мерки, со постојана медицинска грижа и пунктови за одмарање и освежување на војниците на маршот.

Обвинителството отвори истрага, а обдукцијата на починатиот војник е завршена, но причината за смртта ќе се открие кога ќе завршат сите токсиколошки и био-хемиски анализи.