Се уште непознатиот напаѓач кој ги застрела Раде Трајковски Штекли и неговиот 23-годишен придружник, своите жртви ги чекал во спортска кладилница на првиот подземен кат во Ист Гејт мол. Во заседата според првичните претпоставки сигурно е вклучено уште најмалку едно лице кое било на вториот кат во трговскиот центар каде се наоѓа фитнес центарот. Таму редовно вежбале Штекли и неговиот пријател, двајцата застрелани во вчерашниот напад во Ист Гејт Мол, објави вечерва телевизија Телма.
По излегувањето од фитнес центарот, вториот учесник во заседата, набљудувачот го известил егзекуторот кој бил три нивоа подолу во центарот дека таргетот тргнал кон планираното место на заседа. Егзекуторот до тогаш бил во кладилницата, а Фокус објави и фотографии како седи на столче во познатиот аутфит со бел дуксер, црн качкет и со оружјето во широкиот џеб на предната страна на дуксерот.
По дојавата излегол од кладилницата, а кога Трајковски и неговиот пријател стигнале на нивото -1 и почнале да се спуштаат кон гаражата со подвижните скали им пришол и од зад грб ги застрелал додека жртвите не можеле да се сокријат или да избегаат од ескалаторот. Ги застрелал и двајцата по што егзекуторот бега. Раде Трајковски е ранет полесно и е на болничко лекување, а неговиот пријател е потешко повреден и со сериозни повреди чека втора операција на Клинички центар.