Шведската полиција пронајде безживотно тело на жена во езеро во градот Гресторп и не исклучува дека се работи за 24-годишната Амела Калач од Црна Гора, која исчезнала ноќта меѓу 13 и 14 февруари.
– Телото не е идентификувано, но полицијата не исклучува дека станува збор за е исчезната Амела, пишува шведскиот портал nyheter24.se. Телото било пронајдено денеска во 12 часот.
Според споменатиот портал, од полицијата велат дека во овој момент не може да се исклучи дека се работи за Амела Калач, по потекло од Рожаје, Црна Гора.
Роднините на Амела биле известени дека телото е пронајдено. Пронајденото тело сега ќе биде дадено на вештачење за да се утврдат причините за смртта и идентитетот.
Се наведува дека најверојатно ќе поминат неколку дена пред да се утврди идентитетот на пронајденото лице.
„Ќе помине извесно време додека лицето да биде идентификувано“, рече Ана Горансон, портпарол на полицијата.
Се потсетува дека полицијата долго време трагаше по Амела, вклучително и со хеликоптер, со дрон, како и со помош на кучиња трагачи. Во потрагата учествуваа стотици доброволци.
Осомничениот маж е уапсен
Маж на околу 40 години беше уапсен на 18-ти февруари под сомнение дека ја киднапирал Амела. Според полицијата, мажот бил последното познато лице кое се сретнало со исчезнатата девојка.
Неговиот бранител претходно изјави дека ја негира вината, а во петокот му беше одредена мерка притвор.