Едно лице загина, а околу 30 се повредени во железничка несреќа што рано изутринава се случи во Холандија.

Тешката сообраќајна несреќа во која загина најмалку едно лице, а триесетина се повредени, се случи околу 3:25 часот, на 15 километри пред Ден Хаг. Според досегашните информации, еден патнички и еден товарен воз излетале од шините и удриле во кран.

Во моментот на несреќата, според наводи на холандската железница, во патничкиот воз се наоѓале 50 до 60 патници. Засега нема информации за причината за несреќата, која што се случи на трасата од Амстердам до Ден Хаг, која е многу оптоварена.

Според изјави на сведоци, патничкиот воз од шините излетал на ливада, а притоа се превртеле најмалку два вагона. Најголемиот дел од патниците успеале сами да излезат од возот. „Ударот беше голем, прозорците се распрскаа“, изјави еден од патниците.

Холандскиот премиер Марк Руте рече дека се работи за „ужасна железничка несреќа“ и им изрази сочувство на жртвите и нивните семејства.