Родителите на исчезнатото девојче Вања Ѓорчевска велат дека не се точни шпекулациите кои вечерва се појавија во јавноста, а според кои наводно девојчето се гледа на една снимка од безбедносна камера како се качило во бел автомобил.

Тоа не е вистина, шпекулација е, велат родителите на исчезнатото девојче по кое МВР интензивно трага. Претходно во текот на денот, мајката на девојчето Зорица Ѓорчевска замоли да не се шират дезинформации и дека е задоволна од работата на полицијата.

– Задоволна сум од работата на полицијата, која во текот на ноќта и денес активно ја бара ќерка ми. Замолувам да не се шират дезинформации, напиша Зорица Ѓорчевска, мајка на исчезнатото девојче, на социјалните мрежи.

– Ние интезивно работиме. Формиран е штаб при СВР Скопје. Максимално сме посветени при наоѓање на девојчето. Постојано сме во контакт и со семејството. Извршени се низа на разговори со блиски луѓе и со лица со кои мислиме дека можат да имаат податоци и се гледаат видео материјали и се прават мерки кои се потребни за да се расчисти случајот, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Девојчето исчезна вчера откако излегло од дома и тргнало накај училиште. За многу брзо време нејзиниот телефон бил исклучен, а класниот раководител ја информирал мајката дека девојчето не е на часови, по што мајката веднаш пријавила во полиција и започнала потрагата.