И после повеќе од 7 ипол годии ни трага ни глас од убиецот на 26 годишниот Димитар Матилоски чиј живот згасна за време на новогодишната ноќ во 2016 -та година. Голготата на семејството исполнета со болка и тага не запира, мајката Драгица чиј син свирепо беше претепан до смрт од српскиот турист Бојан Угреновиќ вели дека иако е осуден на 16 години казна затвор и пресудата е правосилна се уште е на слобода.

Осудениот убиец Угреновиќ излезе од притвор и избега, откако остана на слобода бидејќи судот во Охрид не донесе пресуда во предвиден рок и мораше да биде пуштен, по што се даде во бегство. Во 2020 година, судијката Весна Кичеец која го осуди Угреновиќ на 16 години затвор беше разрешена, откако Судскиот совет утврдил грешка во нејзиното работење поради неитно постапување за случајот на убиството кое се случи на новогодишната ноќ во 2016 година во Охрид, со што на обвинетиот му истекол притворот и излегол на слобода, по што избегал од Македонија.

Судијката Кичеец во изјава за телевизијата 24 тогаш најави жалба против разрешувањето. „Искрено не можам да поверувам во информацијава. Секако дека ќе поднесам жалба. За Ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години“.

За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор.

– Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина незнам каде е мојата вина, цените сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати, рече Кичеец во 2020 година.

„Шест години никој не го бара убиецот на мојот син“

„Шест години никој не го бара убиецот на мојот син и покрај тоа што има пресуда за издржување затворска казна од 16 години. Шест години секоја сабота сум на гробишта. Единствено нешто што ме држи исправена и ми дава сила е надежта дека ќе се фати убиецот“, кажува Драгица, мајката на Димитар.

Матилоска најави дека ќе се бори до крајот на својот живот правдата да излезе на виделина таа сеуште незнае дали е распишана потерница по убиецот на нејзиниот син и се сомнева во институциите дека сакаат да го заташкаат овој случај.

„Тој е на слобода, а мојот син на гробишта“

„Тој е на слобода, а мојот син на гробишта“, вели Драгица.

За сторено кривично дело „свирепо убиство“, убиецот на Димитар Матилоски доби 16 години затворска казна, но Апелацискиот суд во Битола ја преполови, по што во декември 2019 пак затворска казна од 16 години изрече Врховниот суд, но издржувањето сè уште не започнало оти Угреновиќ по законскиот рок поминат во притвор согласно Законот за кривична постапка доби можност да се брани од слобода и оттогаш му се губи секаква трага.

„Ние си игравме судење, немаше никој од српските туристи во судницата, истите оние кои кобната вечер ја бришеа крвта на убиецот за да избегаат. Врховниот суд од Скопје го осуди на 16 години затвор убиецот на мојот син со правосилна пресуда, но голготата продолжува, и по 6 години и 2 месеци нема распишано потерница. Првите 4 години се надевав дека ќе биде распишана, но денес после 6 години сум разочарана“, кажува низ солзи Драгица.

Во врска со овој случај од охридската полиција велат дека по наредба на Основиот суд Охрид од страна на СВР Охрид распишана е централна и меѓународна потерница за лицето Бојан Угреновиќ кој се бара за сторено кривично дело „Убиство“.

„Судството дава порака дека може да убиете некој и да не лежите во затвор“

„Судството сега дава порака дека може да убиете некој и да не лежите в затвор. Правда мора да има и ќе се борам до последниот здив да се фатат виновниците“, додава Драгица.

Скршена од болка поради убиството на синот Димитар, мајката Драгица Матилоска утеха наоѓа во пишувањето книги насловени Мојот живот после изгубен живот. Вели дека на тој начин се обидува да го зачува споменот на убиениот син во исчекување на правдата која никако да дојде.