Анатолиј Тимошчук, поранешен украински репрезентативец, кој моментално работи како помошник тренер во руски Зенит од Санкт Петербург, доби многу критики за неговиот молк по избивањето на конфликтот меѓу Русија и Украина.

Посебно гласен беше неговиот поранешен соиграч Олександер Алиев, кој на социјалните мрежи жестоко го прозва поранешниот играч од средниот ред на Баерн.

„Каде си? Каде го остави јазикот? Дали си воопшто наш сонародник? Дали си нацртал знаме на твоето лице и си го покажал?“, прашува Алиев во видеото објавено на социјалните мрежи.

Малкумина го разбираат неговиот молк, вклучително и фактот дека единствениот украински играч кој беше во Зенит, Јарослав Ракицки, минатата недела побара раскин на договорот со рускиот гигант.

Ним не им е јасно и како продолжил да работи во Зенит откако Русите ги нападнале неговите сонародници.

Руслан Малиновски, една од најголемите ѕвезди на украинската репрезентација, кој настапува во Аталанта, изјави дека тоа што го прави Тимошчук не е во ред.

„Тоа што го прави е погрешно. Неговите претходни достигнувања се заборавени. Тој повеќе не е легенда на украинскиот фудбал“, изјави одличниот играч на Аталанта.

Тимошчук е дел од стручниот штаб на Зенит од 2017 година, по завршувањето на фудбалската кариера, а покрај за Зенит, меѓу другите, настапуваше и за Шахтјор Доњецк и Баерн.

Тој е рекордер и по бројот на настапи во репрезентацијата на Украина (144 натпревари).