Талибанците влегоа во главниот град на Авганистан и очекуваат мирен трансфер на власта.

Преговарачите од исламистичката група отидоа во претседателската палата да ги договорат условите под кои владата ќе ја предаде власта. Кратко потоа, стана јасно дека претседателот Ашраф Гани ја напуштил земјата за Таџикистан.

Западните дипломати и нивните семејства го напуштаат Авганистан откако Талибанците ја зазедоа земјата за речиси 10 дена без речиси никаков отпор.

„Би сакал да ве уверам дека Кабул е безбеден, вашите безбедносни сили го исполнуваат ветувањето дека ќе го бранат Кабул. Меѓународните сили се подготвени да дадат каква било помош за авганистанските безбедносни сили. „Едноставно, некои непријатели на Кабул се обидуваат да шират пропаганда за да ја изгубат довербата кај луѓето“, рече Бизмилах Кан Мохамади.

Владее хаос на пат кон аеродромот во Кабул

Улиците во Кабул се пренатрупани со автомобили, а луѓето брзаат кон своите домови или аеродромите, велат жителите на главниот град на Авганистан.

На „Редит“ е објавено видео од големиот сообраќаен метеж што се направил по патиштата кон аеродромот.

Новинарката на Си -Ен -Ен во Авганистан, Клариса Ворд, објави дека владее хаос и на пат кон аеродромот во Кабул, откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата. Патот што води до аеродромот е целосно блокиран- илјадници луѓе се обидуваат да стигнат до аеродромот откако Талибанците објавија дека ја презеле претседателската палата во Кабул.

Талибанците најавија дека наскоро ќе прогасат Исламски емират

Безбедносната ситуација во Кабул и на аеродромот брзо се менува, пренесува Ројтерс.

Според Си -Ен -Ен, американското знаме е спуштено во американската амбасада во Кабул во Авганистан, што е последниот потег при евакуацијата на амбасадата. Американскиот амбасадор е евакуиран и стигнат до аеродромот. Процесот на евакуацијата се очекува да заврши во текот на вечерта, а во многу мал број дипломати ќе останат на аеродромот во Кабул. Од друга страна, Москва најви дека нема да ја евакуира својата амбасада.

Македонски државјани се транспортираат во Дубаи и Турција

Од утринава со воени авиони македонски државјани од Кабул се транспортираат во Дубаи и Турција.

Според инфо на ТВ24 добиени директно од воена база во Авганистан, операцијата за евакуација започнала утрината. Се работи за вработени во две американски компании „Флуор“ и „КБР“ кои се повлекуваат од Авганистан.

„Во моментов во „Флуор“ и „КБР“ нема ниту еден македонски државјанин ниту пак државјанин на некоја од балканските земји. Овие две фирми целосно ги евакуираат своите вработени на безбедно место. Сепaк во други компании во воената база имаме информации дека има се уште македонски државјани“- вели соговорникот на ТВ24 од Авганистан.

Талибанците ќе прогласат Исламски Емират на Авганистан

Претставник на талибанците најави дека наскоро од претседателската палата во Кабул ќе објават создавање Исламски Емират на Авганистан, јавија американски медиуми.

Тоа ќе значи враќање на името што државата го имаше под талибанска власт од 1996 до 2001 година.