Ена, Леа, Еа, Теон, Јон, Кај… нетипични имиња за македонскиот простор, ама се повеќе се среќаваат. Многу нови родители, трудејќи се да бидат во тренд со модерните текови даваат имиња на нивните бебиња кои може да се слушнат во странство, ама не и дома. Глобализацијата и брзиот пристап до светските влијанија се повеќе ги потиснува традиционалните македонски имиња.

„Странските имиња во нашата средина од секогаш биле присутни. Сега имаме некоја поголема употреба на странски имиња во однос на тие традиционални имиња. Можеби во поново време, она што се забележува како тренд е дека полека се напушта онаа традиција кај нас да се именуваат децата по нивните предци“ вели Елка Јачева – Улчар, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Старите македонски имиња во одредени традиционални и патријахални семејства сè уште се користат како симбол за зачувување на идентитетот.

„Сè уште во некои по традиционални и по патријахални семејства сè уште е жива таа традиција. Во однос на именувањето на крштевањето деца кај нас и натаму најчести имиња се кај машките се Александар, и имињата по четворицата евангелисти од новиот Завет, значи Матеј, Марко, Лука, Јован, а кај женските убедливо сè уште води името Марија“ децидна е Елка Јачева – Улчар, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Според податоците од Државниот завод за статистика за 2020-та година, најчести имиња за машко и женско биле Дамјан и Јана, а пак за 2021-та првото место го преземаат Лука и Јана. Лука повторно се најде на првото место 2022-та, но тогаш заедно со името Софија. И лани најмногу машки деца го добиле името Лука, мнозинството од девојчињата пак, Ана.

„Во однос на изборот на личното име, нашиот закон е во голема мера либерален, да каже ме, не е така како што е во некои други европски земји, еве да рече ме, Русија, имаат еден список на имиња по кој се крштеваат децата, кај нас постојано се обновува“ кажа Елка Јачева – Улчар, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Новите, модерни имиња се само еден дел од трендот со кој се повеќе се оддалечуваме од традициналните форми на македонскиот јазик. Се почесто се забележува формата СКИ и кај женските презимиња, односно при стапување во брак многу жени во целост го преземаат презимето од сопругот, па така имаме примери како Ана Петреска Трајкоски, Марија Тодороска Димески, Теодора Касовска-Мирчев, Елизабета Васев.

Професорката Елка Јачева – Улчар смета дека тоасе должи на еден вид помодарство кое не е ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот јазичен систем. Во време во кој жените се борат за својата независност, рамноправност и еднаквост, а сакаат да ја истакнат и својата посебност, со ставањето на машката форма на презимето се чини како да го прават спротивното.