Несекојдневна несреќа се случи попладнево во местото викано Војка во автономната покраина Војводина, кога при пад од коњ загина Јован И.(38) од ова место во општина Стара Пазова.

Според очевидци, Јован и неговата дружина, според традицијата во ова село, Божиќ го славеле јавајќи на коњ или, како што се вели во Срем, „Vijao Božić“. Сепак, алкохолот бил причинител на несреќата.

– На Божиќ младите се собираат на коњи и кочии и јаваат по улиците. Така беше и денеска, пееја, се радуваа, но и пиеја. Јован бил видно пијан и еднаш веќе паднал од коњот кога пријателите го замолиле да се симне. Сепак, тој инсистирал да продолжи да јава и за неколку минути повторно паднал на земја. Тој пад беше фатален, вели еден од очевидците.

Набрзо пристигнала и екипа на Брза помош од Нова Пазова, но несреќниот човек не бил спасен. Тој починал на пат кон болница.

– Се надевавме дека ќе биде подобро по укажаната помош, никој не може да верува дека е мртов. Сите сме во шок, велат пријателите на Јован кои биле покрај него во моментот на несреќата.

Како што се дознава од нив, Јован бил голем љубител на коњите и омилен во општеството.

– Работеше две смени за да може да добие слободен ден за Божиќ и да јава на коњи. И еве како настрада. Ова е голема тага, никој не може да верува дека ова се случи, вели соговорникот на „Блиц“.

Јован зад себе ги остави сопругата и малолетното дете. За трагедијата да биде поголема, и таткото на Јован пред неколку години настрадал откако паднал од тракторска приколка.