Маж е обвинет за убиство поради смртта на петгодишното британско девојче кое загина во судир со него додека учеше да скија на француските Алпи, јавуваат светските медиуми.

Осомничениот (40), кој не е идентификуван, е во притвор од саботата во Бонвил на истокот на Франција, објави „Дејли мејл“. Сведоците велат дека го виделе како скија со „голема брзина“, а потоа се судрил со девојче по име Офелија.

Девојчето учело да скија на патеката за почетници во одморалиштето Флен во Горна Савоја.

„Скијачот вмешан во смртта на девојчето е обвинет за убиство“, изјави извор од истрагата, додавајќи дека конкретно е обвинет за кршење на безбедносните обврски.

За ова дело му се заканува затворска казна до пет години и парична казна од 74.000 евра. Јавниот обвинител во Бонвил, Карлин Боис изјави дека човекот, доброволец пожарникар, скијал „со голема брзина“. Таа изјави дека од саботата се сослушани десетина лица, меѓу кои и директни сведоци на трагедијата.

Скијачот се обидел да и пружи прва помош на Офелија која скијала со уште четири деца, но таа не се освестила и починала на пат кон болница, каде била префрлена со хеликоптер околу 13 часот. Офелија живеела со своите родители во Женева.

– Тие претрпеа екстремен шок како и многу други поврзани со оваа трагедија – додаде тој.

Уште еден фатален инцидент се случи на истата падина во 2016 година. Винсент Фуш од Ивелин во близина на Париз изјавил дека смртта на девојчето му вратила ужасни спомени од денот кога една жена од Британија починала во неговите раце на истата падина каде што починала Офелија.

– Се уште се сеќавам на нејзиното лице. Моите деца се сеќаваат на сè што се случи тој ужасен ден, како се обидов да ја спасам. Таа умре во моите раце – рече тој, додавајќи дека „брзината убива“ и дека се лути кога ќе види како некои луѓе скијаат по патеката.

– Два смртни случаи на иста падина за неколку години. Тоа е незамисливо – истакна тој.