Итната помош пристигнала за неколку минути, но несреќното момче не можело да се спаси. Пожарникарите успеале брзо да го изгаснат пожарот.
Момче (5) почина во САД откако експлодирала хипербаричната комора во која примал терапија со кислород. Неидентификуваното момче било на лекување во Оксфорд центарот во предградие на Детроит кога се случила страшна експлозија која предизвикала пожар.
Повредена е мајката на момчето, која била во близина на комората кога се случила експлозијата.
Пожарникарите успеале брзо да го изгаснат пожарот, а тој не се проширил на останатиот дел од објектот.
Не е познато од што се лекувало момчето.
Американската агенција за храна и лекови (ФДА) веќе предупреди дека може да се случат експлозии и пожари во хипербарични комори кои не се одобрени од нив и се наоѓаат во неакредитирани објекти. Објектот во кој се наоѓало момчето, според првичните информации, не бил акредитиран да дава ваков вид терапија.
– Ова е исклучително тежок ден за сите нас… Безбедноста и благосостојбата на децата што ги лекуваме се наш најголем приоритет. Ништо вакво никогаш не се случило во повеќе од 15 години што ја даваме оваа терапија. Не знаеме зошто и како се случило ова, но целосно ќе соработуваме во сите истраги – велат од институцијата каде што е лекувано момчето.