Безживотно тело на планинарот е најдено кај месноста „Ловечка куќа“ на планината Пелистер, информира попладнево Центарот за управување со кризи (ЦУК), по добиено известување од Секторот за внатрешни работи Битола. Според првичните сознанија, станува збор за повозрасно лице од Скопје со иницијали А.С.
Центарот за управување со кризи, како што соопштија, веднаш ја известил Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Битола која има тим за интервенции во планински услови за да може телото на починатото лице да биде транспортирано до првото место место до кое може да дојде возило на Итната медицинска помош и да го преземе телото.
„За подобра координација, од ЦУК е направен и контакт помеѓу дежурните лица во СВР Битола и ДЗС Битола“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, како што информираат од таму, екипа на Министерството за внатрешни работи треба да изврши увид. Инаку, местото каде е пронајдено телото на починатиот планинар било на надморска висина од околу 2.000 метри.