Доналд Трамп одржа пријателско двочасовно интервју со Илон Маск на неговата социјална мрежа Икс, чиј почеток доцнеше 40 минути поради технички проблеми, за кои беше кажано дека можеби се должат на кибернетички напад. Откако многумина корисници се пожалија дека не можат да добијат пристап, Маск по 20 минути кажа дека се случил голем напад врз мрежата, односно нејзино претоварување со сообраќај во обид да се урне.

Бројачот на Икс покажа дека 1,3 милиони луѓе на моменти го слушале интервјуто, во текот на кое двајцата соговорници си делеа комплименти, а Маск јавно го поддржа Трамп и ги повика „независните гласачи со отворен ум“ да гласаат за него. Маск му дозволи на Трамп да го води разговорот и ниеднаш не ги предизвика неговите неточни изјави.

„Мислам дека се наоѓаме во решавачки момент на патот на судбината, на цивилизацијата и треба да го фатиме вистинскиот пат. Мислам дека вие сте вистинскиот пат“, му кажа Маск на Трамп.

Ова интервју беше последниот обид на Трамп да го одвлече вниманието од неговата противкандидатка Камала Харис, чиј моментум би можел да добие нов поттик по претстојната Демократска национална конвенција во Чикаго. Трамп ја навреди Харис неколкупати, опишувајќи ја како „третокласна“, “некомпетентна“ и „радикално лева лудачка“, но исто така го пофали нејзиниот изглед.

„Таа изгледа како најубавата актерка на сите времиња. Доста наликува на мојата прва дама Меланија“, кажа Трамп.

Потоа ја искритикува Харис што не дала ниедно интервју откако влезе во изборната трка, а повлекувањето на Џо Бајден го спореди со пуч.

Интервјуто не откри многу планови на Трамп за неговиот евентуален втор мандат и тој најмногу збореше за неодамнешниот обид за атентат и за илегалната имиграција.