Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави денеска дека не може да ја исклучи употребата на воена сила или економска принуда, вклучително и зголемување на царините, кога станува збор за преземање контрола врз Гренланд и Панамскиот канал.

На прашањето на новинарите за време на обраќањето во неговата резиденција Мар-а-Лаго дали ќе ја исклучи употребата на „воена или економска принуда“ за да се постигне целта за освојување на тие територии, новоизбраниот претседател одговори „не“.

Тој рече дека двете територии им се потребни на САД за „економската безбедност“ на земјата.

Трамп повтори дека планира да воведе „сериозни царини“ на производи од Канада и Мексико и најави дека ќе го смени името на Мексиканскиот залив во Американски залив, пренесува Ројтерс.

Тој посочи дека смета дека секоја земја-членка на НАТО треба да одвои 5 отсто од својот буџет за одбрана, наспроти најмалку два отсто според сегашниот договор.

Во исто време, републиканецот предупреди дека ќе ја отповика забраната за дупчење нафта и гас на море, објавена од демократскиот претседател во заминување Џо Бајден за борба против загадувањето.

„Ќе го поништам тоа веднаш. Ќе ја укинам забраната за дупчење нафта и гас во големи области на првиот ден“, рече тој.