Министрскиот Совет на ОБСЕ три дена целосно ќе го блокира Скопје. Од пладне на 29 ноември, до 1 декември, ограничено ќе биде движењето по сите улици низ главниот град поради бројните делегации кои ќе пристигнат во Скопје.

Со одлука на влада 30-ти ноември ќе биде неработен за вработените во државната и јавната администрација. Затворени ќе бидат и сите училишта, освен градинките и болниците.

Според најавите на МНР, пријавени се 76 делегации, од кои 57 земји членки на организацијата или околу 1000 делегати.

ПРЕПОРАКИ И ЗА ПРИВАТНИТЕ ФИРМИ – Владата на седница одлучи 30 ноември (четврток) да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, поради одржувањето на 30. министерски состанок на ОБСЕ.

Одлуката не се однесува на детските градинки и здравствените установи на подрачјето на град Скопје, кои што е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање, додаваат од Владата.

Исто така, Владата одлучи претходниот ден (29 ноември, среда) работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот.

Од Владата го препорачуваат истото и за приватниот сектор на подрачјето на градот Скопје, посебно од подрачјето на Општина Карпош и на општините кои гравитираат кон салата „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок на ОБСЕ на 30 ноември и 1 декември.

На самитот на ОБСЕ треба да дојдат сите министри за надворешни работи од Европа, како и државниот секретар на САД Ентони Блинкен. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ.