Томислав Ивановски има потреба од наша помош. 36-годишниот Битолчанец остана парализиран на долните екстремитети по тешка сообраќајна несреќа, која му се случи пред три години додека се упатувал на работното место.
Во изминатите три години, тој имал две рехабилитации во Охрид, 14 месеци бил на рехабилитација со помош на роботика во Ниш и му бил направен еден третман со матични клетки во Турција, кој покажал подобрување.
Томислав сега треба да оди на нов третман со матични клетки во Турција, а за да го направи тоа му се потребни финансиски средства кои неговото семејство не може да ги обезбеди без наша помош.
Неговата сопруга Билјана копнее да го погледне Томче исправен на нозе како чекори со нивните ќеркички, па токму затоа упатува апел за помош до сите хумани луѓе.
„Ова е трета година како поминуваме како семејство низ овој кошмар, но и покрај тоа што нашите финансиски можност сосема се исцрпија, надежта дека Томче ќе прооди тлее и гори во секој еден од нас. Затоа се отвораме кон сите вас добри луѓе, да ни подадете рака и да му помогнеме на Томче да стане.“
„Како сопруга на Томислав немам поголема желба од тоа Томче да се исправи на нозе и да прошетаме заедно со нашите две девојчиња, како што правевме пред сообраќајната несреќа која ни го преврте животот наопаку и ни ја одзеде оваа радост“ – изјави таа за Femina.mk.