Три месеци по несреќниот случај во силосите на рудникот „Бучим“ се уште не се познати причините како загинаа двајцата алпинисти Зоран Мајсторски и Драган Станишев од Радовиш, објавува Телевиизја 24.

Јавното обвинителство соопшти дека работат на расветлување на случајот. Досега биле издадени насоки и наредба за обезбедување и вештачење на траги и докази од местото на настанот, а се врши и вештачење на документацијата при што биле сослушани и повеќе сведоци за трагичниот настан кој ги погоди радовишани.

Во зависност од добиените резултати ќе зависи и понатамошниот тек на постапката информираат од Јавното обвинителство

„Обвинителството ги очекува извештаите од наредените вештачења. Во меѓувреме се преземаат и други дејствија во насока на утврдување на факти во предметот. По прибирање на матријалните и вербални докази , нивно разгледување и анализа, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката“ – соопшти Јавното обвинителство

Несреќата во рудникот „Бучим“ се случи на 13. октомври минатата година во работната единица Флотација. Двајцата алпинисти 45-годишниот Мајсторски и 20-годишниот Станишев во критичниот момент ги чистеле силосите високи 25 метри во кои се складирала руда.

Тие биле подизведувачи со оглед на договорот што го имал „Бучим“ со алпинистичкиот клуб „Плоча“ за специфична услуга за чистење на на високо недостапни силоси.

Мајсторски и Станишев не биле првпат на ова работна задача и во контуинитет ги чистеле силосите. Истрагата треба да утврди што се случило во критичниот момент и како настапила смртта кај двајцата алпинисти од Радовиш.