Вчера во емисијата „Беткаст“ на Канал 5 со Елизабета Дамјаноска Спасеновска гостуваше Александра Карафиловска, а се работеше за приказна што ја потресе цела Македонија.
Aлександра ја отвори душата и низ солзи раскажа каква трагедија ја снајде нејзината фамилија и објасни како се носи со тоа низ животот — може да се каже, со најтешката болка — загубата на дете.
Александра Кранфиловска важи за успешна жена во бизнисот, но и за храбра, бидејќи и ден денес го пребродува најтешкиот удар во животот. Во 2016 година се соочила со незамислива трагедија кога нејзината ќерка, Стефанија Брзанова, починала на само 20 години.
„ Како што те гледаат наставничките, така те гледаат и децата“
– Булингот е огромен проблем во Македонија, а родителите се плашат да зборуваат за тоа јавно. Јас сум човек што не се плаши од ништо, затоа зборувам отворено, и затоа ја напишав и книгата – почна таа, па продолжи да зборува за својата ќерка.
Раскажа дека нејзината ќерка Стефи била многу талентирана и повлечена, но уште на шест години знаела да свири гитара и пијано „по слух“. Кога тргнала во прво одделение, Александра сфатила во какво опкружување ја праќа, откако чула што ѝ кажале наставничките.
– Имав 24 години кога Стефи тргна во прво. Како родител, не можев да се справам со тие „аждаи“ од наставнички. Наставничките од Пулевски ми рекоа дека моето дете не е доволно интелигентно за во училиште. Таму започнува целата приказна – ја започна својата исповед.
Додава дека и нејзиниот сопруг интервенирал и им рекол на наставничките дека не смееле да дадат таква проценка, бидејќи не се стручни. Иако девојчето сликало и имала уметничка страна, ја ставиле во последна клупа, што психички ја повредило, никој не сакал со неа да јаде.
– Како што те гледаат наставничките, така те гледаат и децата. Тоа секогаш сум го велела – додаде Карафиловска.
Секој ден одела во училиште и гледала што ѝ се случува на детето. Тврди дека вознемирувањето траело од прво до четврто одделение. Била многу млада мајка во споредба со другите родители, а кога се присети на тие моменти од училиштето – се расплака.
– Крвнички ја малтретираа децата, доаѓаше боса дома. Ѝ ги кинеле книгите, а колку што јас повеќе одев таму, толку повеќе се зголемуваше насилството. Дури во шесто одделение решив да ја префрлам во друго училиште, но децата од старата школа ѝ ја скршија раката. Наставникот ми кажа дека едвај ја извлекол – раскажа таа.
Во новото училиште било прекрасно, како Стефани да „запеала“ таму, се видело дека ужива. Но, по извесно време, повторно започнало вознемирување.
– Сакав да ја запишам во едно средното училиште, слушнав дека директорот е прекрасен и се бори за децата. Не знаев дали ќе ја примат, но таа сакаше да оди таму во музичното. Немав никакви врски, ја проценија и рекоа дека ќе стигне далеку. Кога го видов списокот, видов дека е примена – раскажа таа.
Мислела дека во музичко учат деца од уметнички семејства, но сфатила дека најмногу има деца на професорите. Се трудела да ја следи ќерката, но со промена на професори настанала нестабилност.
– Го теравме до трета година, а потоа татко ми се разболе од рак и не можевме да интервенцираме. Тогаш се разведов. Знаете како е – кога дома имате проблеми, а и со детето се мачите… – продолжи таа, додавајќи дека имало луѓе кои ѝ барале мито за да ја „погураат“ ќерка ѝ.
„Кога излегов надвор, ја видов како лежи на земја“
Ја префрлала ќерката во повеќе училишта додека не успеала да го намали вознемирувањето. Сè детално опишала и во својата книга. Тврди дека во музичкото немало булинг од наставници, туку од соло пејачи кои ја гледале како конкуренција.
– Три години се борев со тоа. Татко ми почина, се разведов од мажот што го сакав и со кого поминав 24 години. Никогаш не ја удри нашата деца, заедно се боревме за нив, имаме заедничка винарија, а јас имам и свој салон – продолжи таа, па почна да зборува за кобната вечер.
– Ја водев кај тројца психијатри, не знам веќе колку пари дадов. Стефи почна да пие алкохол, состојбата се влоши. После неколку месеци аплицираше за работа на брод, и ја доби – тоа беше прекрасно за неа, ја подигна. Не земаше лекови ниту алкохол, но депресијата е лавиринт од кој тешко се излегува – раскажува Карафиловска и тврди дека последните шест месеци била одлична.
– Беше 8 Март кога излезе со другарки. Тоа беше кобната вечер. Многу се опи, влезе во такси и не се врати. Не сакам детално да зборувам, но ќе кажам дека она што го направи Стефи беше без дрога и без алкохол – сето тоа ѝ се наталожило од претходната вечер. Не го очекував тоа од неа, а кога излегов надвор, ја видов како лежи на земја. Бев свесна, сите портали беа таму. Отиде по запалка – и не се врати. Бев среќна мајка и жена. Никогаш не очекував такво нешто да ми се случи – изјави таа.
Понатаму во разговорот призна дека и самата била жртва на булинг по самоубиството на ќерка ѝ, бидејќи пишувале сите медиуми, а добивала и навредливи коментари на социјалните мрежи.
– На погребот дојдоа луѓе што не беа ни поканети, коментираа дека сум имала црвен лак на ноктите тој ден. Немав време да мислам за тоа, ниту да го тргнам. После тоа шест месеци не излегов од дома, пропаднав финансиски, никој не ми подаде рака. Дваесет портали дневно пишуваа за мојата приказна – заврши таа.
Тврди дека не била депресивна, туку само тажна. Вели и дека поради лековите добила многу килограми, но ѝ помогнало тоа што пишувала книги – и тие книги сè уште се читаат, иако по објавувањето нејзината книга имала 40 пријави. Успеала да се издигне од сè и решила да го продолжи својот живот, а целиот подкаст со Александра Кранфиловска можете да го погледнете на нашиот Јутјуб канал.