Популарната турбо фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ доаѓа во Македонија. Таа ќе гостува во Дојран, на Мандра Фестивал на 15-ти јули, а пак на 19-ти јули ќе настапи во Битола, во угостителски комплекс.

На фестивалот во Дојран, кој ќе се одржи на 14-ти и 15-ти јули, покрај Ражнатовиќ ќе настапат и Жаре Бербер, Слаткар, Девито, диџеј Здравко и Два Бона. Локацијата е на паркингот Гранит, а влезниците се по цена од 600 денари.

Цеца е редовна гостинка во Македонија посебно во летниот период. Минатата недела таа имаше голем концерт пред публика од 15.000 луѓе во Ниш, а по концертот во интервју за српски Телеграф кажа дека цело лето ја очекува набиена агенда.

Имала голем број на договорени настапи во Македонија, но и во Црна Гора.

– Ќе биде тоа едно убаво, распеано лето – порача пејачката и додаде дека не треба да се ограничуваат луѓето која музика да ја слушаат.

– Секој нека го слуша тоа што му одговара на ушите. Нека си ја релаксираат душата, телото, умот. Тоа е поентата на музиката – кажа таа за Телеграф.