Над 50 куршуми биле испукани кон возилото во кое се наоѓале шесттемина убиени во мафијашката ликвидација вчера попладне во атинското предградие Артемида во источниот дел на градот, а според грчките медиуми жртвите веројатно се турски државјани.
Според истите информации, во возилото биле пронајдени француски фалсификувани документи со турски имиња, а фалсификувани се и германските регистарски таблици на автомобилот.
Сѐ поизвесно е дека станува збор за расчистување сметки, а медиумите во Грција коментираат дека досега во земјата немало вакво убиство со толку многу жртви.
Во тек е потрага на грчката полиција по сторителите на убиството.