40-годишниот Ѓорѓе Мијатовиќ, брат на потпретседателот на федералната Влада во БИХ и министер за развој и претприемништво Војин Мијатовиќ, починал вчера во Белград, потврди министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Белградските медиуми пишуваат дека Мијатовиќ починал откако им подлегнал на повредите здобиени откако бил претепан од хулигани во детски парк во Вождовац.
„Синоќа околу 18-19 часот полицијата добила повик дека имало тепачка, отишле на адреса во општина Вождовац, го пронашле повредениот со сопругата. Го однесоа во Ургентна и таму почина“, изјави Дачиќ за ТВ Блиц.
Наводно синот на Мијатовиќ му се пожалил на неговиот татко дека го малтретираат во паркот, па тој заминал, а таму двајца мажи му се спротивставиле и го претепале, по што починал во болница како последица на тепачката.
Според други извори, како што неофицијално дознава Блиц.рс, до конфликт дошло поради топка, а Ѓ.М. замавнал кон едно од тие лица.
– Потоа изгуби рамнотежа и ја удри главата во бетонот. Кога дошол дома и рекол на сопругата дека сам паднал, по што добил епилептичен напад – вели изворот на „Блиц“.
Засега не се знае дали на терен биле возрасни или малолетни лица, во тек е истрага за да се утврди што точно се случило.