Судењето против кумановката Гордана Филиповиќ која со „БМВ Х5“ во 2022 година, на пешачки премин на мостот Гоце Делчев, кај Македонскиот народен театар го прегази тогаш 76-годишниот Слободан Ангеловски кој загина на лице место ќе почне отпочеток поради промена на адвокатот на обвинетата. Филиповиќ во судницата се појави со адвокатот Владимир Туфегџиќ кој го замени досегашниот нејзин бранител, адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго, кој е претседател на Адвокатската комора на Македонија.

Новиот адвокат на Гордана Филиповиќ, Владимир Туфегџиќ исто така е бранител на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска.

Денешното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинителката која имала итен притворски предмет.

Иако првично Гордана Филиповиќ беше осудена на три години затворска казна, скопска апелација ја укина пресудата и ја врати на повторно судење.

Инаку Гордана Филиповиќ е мајка на загинатата Јелена Филиповиќ која во јануари 2020 година исто така загина во сообраќајна несреќа кај Миладиновци, враќајќи се од ноќна забава. По смртта на тогаш 17-годишната Јелена, во Скопје осамнаа билборди со напис „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“.

За смртта на Јелена Филиповиќ на седум и пол години казна затвор беше осуден кумановецот Никола Стефановски, кој во моментот на несреќата возел пијан и под дејство на опијати. Стефановски ја призна вината за време на судењето, а како олеснителни околности беа неговите години и поради тоа што очекуваше да стане татко.