Употребата на кокаин меѓу младите во Македонија е меѓу причините за зголемениот број мозочни удари во последните години, а тука се и алкохолот и останатите дроги, но и неактивниот животен стил, беше кажано денеска на настан на плоштадот во Скопје по повод Светскиот ден на мозочниот удар.

– Кај помладите да алармирам дека конзумацијата на кокаин којашто навистина ни е во подем е еден од ризик-факторите за појавата на мозочен удар – изјави д-р Драгана Петровска-Цветковска од Универзитетската клиника за неврологија.

Спротивно на ова, кај постарите луѓе причинители се стресот, брзото темпо на живот, наглите промени на времето. Македонија се наоѓа во земјите од црвената зона, откри Петровска-Цветковска.

– Светските податоци говорат дека за жал, нашата држава се наоѓа на картата во црвена зона, односно како во однос на стапката на морбидитет, така и во однос на стапката на морталитет – потенцираше таа.

Претседателот на Македонското здружениепо кардиологија, проф. д-р Маријан Бошевски, нагласи дека конзумирањето три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања.

– Три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања, пет до шест црвени вина во неделата по 180 милилитри ја преполовуваат исто така честотата на кардиоваскуларните, односно циркулаторните заболувања како таква. Секако тука не треба да се избегне форсирањето на физичката активност и здравиот начин на живот, отфрлање на се она што е несакано, како што е пушењето – истакна Бошевски.

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, ги спомна стресот и начинот на живот како фактори:

– За жал брзото темпо на живеење и стресот ја поместуваат старосната граница. Сè почесто се јавува кај луѓе помлади од 65 години.

Мозочните удари почесто се јавуваат кај мажите, но посериозни последици оставаат кај жените. После кардиоваскуларните заболувања, мозочните удари се меѓу најчестите појави кај населението.

Во светот од оваа болест на секои четири минути умира по еден човек. Клучно за раното препознавање е брзата реакција.

Светскиот ден на мозочен удар се одбележува уште на две локации, во Кочани и Тетово.