Велес Пашник (5) починал во саботата во Лавов, Украина, откако паднал во кома откако му биле извадени млечни заби.

Малото момче доживеало срцев удар и паднало во кома при вадење на два млечни заба под тотална анестезија. Лекарите успеале да го реанимираат и тој бил префрлен во болница на одделението за интензивна нега каде поминал 37 дена.

„Летај нашето момче, биди наша светлина од небото. Почивај во мир драг наш Лесоњо“, напишал таткото на момчето, Виктор, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, пренесува Nouvelles.

Имено, Велес имал закажана интервенција на 8 декември, која не му се допаднала многу, а како што наведува таткото, момчето протестирало на денот на операцијата.

„Како да насетуваше трагедија. Одби да му стават маска, на крајот анестезиологот насилно му го направи тоа пред мојата сопруга. Таа го молеше да престане, но тој не ја послуша, откако Велес заспа“, рече таткото.

По извесно време мајката била сведок како нешто се случува во салата кога слушнала чудни звуци.

„Почнаа да се собираат медицински работници, две екипи на Брза помош. Директорот на клиниката рече дека на детето му застанало срцето за време на операцијата и дека успеале да го реанимираат, но дека мора да оди во болница. Таму дознавме дека е во критична состојба.Исто така ни рекоа дека за време на стоматолошката интервенција имало период кога синот бил клинички мртов и дека хирурзите предолго чекале за реанимација.Потоа ни рекоа дека мозокот на детето е мртов и дека само апарати го одржуваа во живот“, објасни ожалостениот Виктор.

Сол на раните на родителите била реакцијата на раководството од клиниката каде започнала целата драма…

„Раководството беше незаинтересирано, не ни ги дадоа двата извадени заба при операцијата“, објасни таткото на малиот Велес кој зад себе остави две сестри.

Полицијата поведе кривична постапка, а на обвинетиот му се заканува казна затвор до три години или ограничување на слободата до пет години со одземање на правото да врши одредени функции или да се занимава со одредени дејности до три години.

Директорот на клиниката „Ори-Дент“ Роман Ониско за локалните медиуми изјавил дека соработуваат со истражните органи.

„Во моментов лекарите кои се занимаваа со давање медицинска помош се суспендирани од должност до завршување на истрагата“, рече Ониско.